powered_by.png, 1 kB

Почетна arrow Вести arrow Најново arrow Соопштение за медиуми 19.07.2010
Соопштение за медиуми 19.07.2010 Испечати Е-пошта
ВО ЕВРОПА ИМА ШТО ДА СЕ ВИДИ, ИСКОРИСТЕТЕ ЈА МОЖНОСТА
 
Со овие зборови студентите беа испратени на патување низ Европа

 

 Кирил Тодоровски е студент по Информатика со одличен просек кој досега немал можност да патува надвор од Македонија. Ивана Неделковска пак е студент по драматургија, која учела за уметноста и културите на другите земји, но за жал никогаш немала можност да ги посети. Тие се само дел од студентите кои го прифатија предизвикот еден месец да бидат дел од мисијата „Македонски амбасадор за 30 дена“, како што и тие самите си ја нарекоа.

На своето ново патешествие, ќе ги запознаат европските земји и нивните демократски вредности, народите и културите, но и ќе раскажат за својата земја и ќе ги поканат европските граѓани да ја посетат Македонија. Студентите се избрани на јавен конкурс, селектирани според просечната оценка во текот на студирањето, редовност во студирањето и познавање на странски јазици.

Нивна прва дестинација ќе биде Берлин каде 3 дена ќе се дружат заедно со колегите од другите земји од регионот. Потоа секој со своите желби...Некој Скандинавија, некој Холандија па дури и Португалија. А можностите им се неограничени.

Од реализаторот на проектот, Граѓанската асоцијација МОСТ, со помош на донаторите и спонзорите, обезбедени им се Inter Rail карта, за неограничено патување со воз, бесплатна Шенген виза од Германска амбасада во Скопје (за оние кои се уште немаат биометриски пасош), осигурување од Сава Табак осигурување, студентска ISIC картичка од Аурора Турс и дел од средствата кои ќе им бидат потребни, на платежна картичка од НЛБ Тутунска банка АД Скопје.

На коктелот организиран по повод нивното заминување, од организаторот, Граѓанската асоцијација МОСТ им порачаа: “Вие, дел од најдобрите студенти во Македонија, бевте храбри да го прифатите предизвикот еден месец да патувате низ Европа, и со тоа докажавте дека македонските студенти се подготвени да одат напред. Искористете ја можноста што ви е дадена и видете што повеќе, научете што повеќе. А во Европа има што да се види“.

На истиот настан, на сите кои ја прифатија и поддржаа идејата за реализирање на проектот Патуваме во Европа, Граѓанската асоцијација МОСТ и студентите им врачија благодарници. Целта на Патуваме во Европа е 15 студенти од Македонија, преку патување и посети, директно да се запознаат со демократските вредности, навики и култури во другите земји, и да ги промовираат и доближат тие вредности во Македонија. Во исто време студентите ќе ја промовираат и Македонија.

Ова е четврта генерација на студенти кои ја имаат оваа уникатна можност за патување низ Европа. Минатите години 80 студенти беа дел од проектот. Ова е регионален проект во рамките на кој студенти од Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, ќе можат да патуваат и да се запознаат со функционирањето на системите во другите држави, а во исто време и да ги претстават сопствените земји.

 
Следно >
© 2010 www.most.org.mk