powered_by.png, 1 kB

Почетна arrow Вести arrow Најново arrow Одговорна, транспарентна и кооперативна локална самоуправа
Одговорна, транспарентна и кооперативна локална самоуправа Испечати Е-пошта

19.04.2010, Скопје

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

ОДГОВОРНА, ТРАНСПАРЕНТНА И КООПЕРАТИВНА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА

 Работата на советниците во општините Штип, Гостивар, Дебарца, Осломеј, Крива Паланка и Могила, оваа година ќе биде набљудувана од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ. Согласно Меморандумот за соработка што го потпишаа градоначалниците на овие општини и МОСТ, во рамките на проектот Одговорна, транспарентна и кооперативна Локална самоуправа, граѓаните ќе добиваат информации за учинокот на советниците, процесот на јавни набавки во општината, а ќе имаат можност и да дебатираат за приоритетите во општините.

 “Целта е на граѓаните да им обезбедиме поголем број на информации за работата на нивните претставници во општините, а со тоа да поттикнеме поголемо граѓанско учество во процесите на донесување одлуки и креирање политики“- рече Дарко Алексов, Извршен директор на МОСТ.

Во рамките на активностите на овој проект ќе бидат продуцирани два водичи (за граѓаните и за администрацијата во општините). Понатаму, ќе се набљудува работата на советите, од аспект на вклученост и иницијативност на советниците за време на седниците на советите, ќе се набљудува процесот на јавни набавки и ќе се одржат дебати со граѓаните за утврдување на приоритети во општините. Собраните податоци, на шест месеци, во печатено издание, ќе се доставуваат до граѓаните, а истите ќе бидат достапни и на интернет страна што ќе биде подготвена и одржувана од страна на МОСТ.

Со овој проект се опфатени 110 советници, а собраните податоци ќе бидат доставени до повеќе од 172.000 граѓани.

Изборот на општините е направен согласно однапред утврдени критериуми како што се: географската местоположба, демографските карактеристики, бројот на жители, бројот на советници, како и бројот на вработени во рамките на администрацијата на единиците на локалната самоуправа.

На конференцијата за медиуми, покрај Извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов, говореа и градоначалниците на општините Штип, Зоранчо Алексов; Могила, Славко Велевски; Осломеј, Фатмир Дехари; Дебарца, Љупчо Којчиноски; Крива Паланка, Арсенчо Алексовски и Гостивар, Руфи Османи. Сите тие јасно и недвосмислено ја искажаа својата подготвеност за отвореност и соработка на општините со граѓаните.

Проектот ќе се спроведува 12 месеци, започнувајќи од февруари оваа година, заклучно со јануари 2011. Истиот се реализира во рамките на програмата CIVICA Mobilitas која ја спроведува Центарот за институционален развој ЦИРа и е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, претставувана од Канцеларијата за соработка во Македонија, како и со средства од Амбасадата на Кралството Холандија.

 
< Претходно   Следно >
© 2010 www.most.org.mk