|
Проектот Иницијатива за законодавни реформи започна да се спроведува уште во 2004 година. Целта на проектот беше да се придонесе кон подобрување на изборното законодавство. Во текот на 2004 година организирани беа 4 тркалезни маси, на кои учество земаа експерти, претставници на политички партии и претставници на граѓански организации. Една од многуте препораки кои произлегоа од овие тркалезни маси беше препораката за кодифицирање на изборното законодавство. Проектот продолжи во 2005 година (која требаше да биде неизборна година, но поради одржувањето на референдумот во 2004 и одложувањето на Локалните избори, истите се спроведоа пролетта 2005) кога целта беше да се работи и подготви Изборен законик. МОСТ и Министерството за правда потпишаа Меморандум за соработка, и, веднаш по Локалните избори, формирана беше работна група која пристапи кон изготвување на работна верзија на Изборниот Законик. Работната верзија на Изборниот законик беше презентирана на конференција за медиумите на ден 17.11.2005 по што се отвори широка јавна расправа. Со цел обезбедување на транспарентност на целиот процес на изготвување на Изборниот законик, МОСТ организираше две јавни расправи. Проектот беше поддржан од страна на Шведскиот хелсиншки комитет и Норвешка народна помош. |