|
Тргнувајќи од фактот дека демократијата најдобро функционира кога граѓаните се запознаени и вклучени во процесот на креирање политики, своите активности МОСТ ги насочи кон едукација и информирање на граѓаните, со што го дава својот придонес кон развој на подемократско општество. Покрај тоа, зголемувањето на транспарентноста и одговорноста на институциите дава дополнителна вредност на процесот. Како и сите проекти и активности кои се преземаат од страна на МОСТ, нашата заложба ова да стане редовна пракса во иднина, поддржана и реализирана од страна на пратениците и Собранието на Р Македонија. Основна цел на проектот е да се зголеми кооперативноста и отвореноста на пратениците од Собранието на Р Македонија, кон потребите на граѓаните и подобрување на квалитетот на нивната работа, преку информирање на јавноста за ефектите од истата. Истото ќе придонесе и за артикулација на интересите и потребите на граѓаните и граѓанските организации во процесот на креирање и донесување на закони во Собранието на Р Македонија. Извештајот за работата на пратениците ќе излегува два пати годишно, во февруари и септември, и ќе опфаќа период на работа од шест месеци. Во 2003 и почетокот на 2004 година беше реализирана пилот фаза на проектот. Во октомври 2006 година, МОСТ и Собранието на Р Македонија, потпишаа Меморандум за соработка на проектот Мојот Пратеник. Со Меморандумот се воспостави начинот на меѓусебна соработка и координација на активностите во сферата на информирање на граѓаните за работата на нивните избрани претставници во Собранието на Р Македонија. Извештајот се темели на презентација на податоците според однапред утврдени критериуми. Податоците за работата на пратениците се базираат на официјални информации од Собранието на Р Македонија. Покрај податоците добиени од Собранието на Р Македонија, извештајот содржи и податоци за средбите на пратениците со граѓаните и граѓанските организации во рамките на проектот Мобилен Парламент, како и податоци за користените услуги од Канцеларијата за контакт помеѓу Собранието на Р Македонија и НВОи од страна на пратениците. |