|
21.01.2010, Скопје СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ ПРОМОВИРАН КОМЕНТАР НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК Граѓанската асоцијација МОСТ го промовираше Коментарот на Изборниот законик, издание кое има за цел да биде одговор на проблемите идентификувани од ОБСЕ/ОДИХР и МОСТ, а кои се однесуваат на неконзистентната интерпретација на изборното законодавство. Неговата цел е да обезбеди ефикасна и унифицирана рамка за имплементација и толкување на членовите од Законикот, од страна на сите надлежни органи и учесници во процесот. “Во изминатите три изборни циклуси се појавија недоразбирања меѓу државните органи и учесниците во изборниот процес поради различното интерпретирање на легислативата, а сето тоа доведуваше до неконзистентно почитување на членовите од законикот и влеваше недоверба во донесените одлуки” истакна Дарко Алексов, Извршен директор на МОСТ.
Коментарот е предвиден да претставува професионална алатка збогатена со драгоцени правни мислења и совети. Како таква се очекува да им биде од значајна помош на сите засегнати страни и да обезбеди унифицирано разбирање на изборните правила, а со тоа ефикасна имплементација на законската регулатива. Имплементацијата на проектот за подготовка на Коментарот траеше од мај до декември 2009 година и истиот се спроведуваше согласно принципите на вклученост и отворена дебата. Експертскиот дел им беше препуштен на проф. д-р Гордана Силјановска –Давкова, член на Венецијанската комисија, поранешниот судија на Врховниот суд Сабит Кранли и консултантите на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија Виктор Улом и Вања Шкориќ. Коментарот на Изборниот законик е подготвен врз основа на Изборниот законик и неговите измени и дополнувања, а финансиски е помогнат од страна на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје и Холандската амбасада. Г-ѓа Тилни, Шеф на одделот за владеење на правото при Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје истакна дека тие остануваат посветени на соработката со домашните и меѓународните засегнати страни кои се вклучени во изборите, заради тоа што преземањето на конкретни чекори е од особено значење за постигнување на изборни реформи. Копии од изданието во текот на наредните денови ќе бидат дистрибуирани до сите институции, организации, политички партии и останати заинтересирани страни. |