powered_by.png, 1 kB

Почетна
Соопштение за медиуми 19.07.2010
ВО ЕВРОПА ИМА ШТО ДА СЕ ВИДИ, ИСКОРИСТЕТЕ ЈА МОЖНОСТА
 
Со овие зборови студентите беа испратени на патување низ Европа

 

 Кирил Тодоровски е студент по Информатика со одличен просек кој досега немал можност да патува надвор од Македонија. Ивана Неделковска пак е студент по драматургија, која учела за уметноста и културите на другите земји, но за жал никогаш немала можност да ги посети. Тие се само дел од студентите кои го прифатија предизвикот еден месец да бидат дел од мисијата „Македонски амбасадор за 30 дена“, како што и тие самите си ја нарекоа.

На своето ново патешествие, ќе ги запознаат европските земји и нивните демократски вредности, народите и културите, но и ќе раскажат за својата земја и ќе ги поканат европските граѓани да ја посетат Македонија. Студентите се избрани на јавен конкурс, селектирани според просечната оценка во текот на студирањето, редовност во студирањето и познавање на странски јазици.

повеќе...
 
Конференција

Во рамките на програмата Отворени институции, Граѓанската асоцијација МОСТ организира

Конференција на тема

“Институционални механизми за соработка помеѓу Собранието и Граѓанскиот сектор во Република Македонија“

Конференцијата ќе се одржи на 18 јуни 2010(петок), со почеток во 11,30часот, во Хотел Холидеј Ин, Скопје(Милениум1).

Конференцијата има за цел да придонесе кон воспоставување на институционални механизми за соработка помеѓу Собранието и Граѓанскиот сектор во Република Македонија. Учество на конференцијата ќе земат пратеници од Собранието на Р Македонија, вработени во службите на Собранието како и претставници од граѓанските организации, експерти и медиуми.

Агенда за конференцијата

 
Одговорна, транспарентна и кооперативна локална самоуправа

19.04.2010, Скопје

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

ОДГОВОРНА, ТРАНСПАРЕНТНА И КООПЕРАТИВНА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА

 Работата на советниците во општините Штип, Гостивар, Дебарца, Осломеј, Крива Паланка и Могила, оваа година ќе биде набљудувана од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ. Согласно Меморандумот за соработка што го потпишаа градоначалниците на овие општини и МОСТ, во рамките на проектот Одговорна, транспарентна и кооперативна Локална самоуправа, граѓаните ќе добиваат информации за учинокот на советниците, процесот на јавни набавки во општината, а ќе имаат можност и да дебатираат за приоритетите во општините.

 “Целта е на граѓаните да им обезбедиме поголем број на информации за работата на нивните претставници во општините, а со тоа да поттикнеме поголемо граѓанско учество во процесите на донесување одлуки и креирање политики“- рече Дарко Алексов, Извршен директор на МОСТ.

Во рамките на активностите на овој проект ќе бидат продуцирани два водичи (за граѓаните и за администрацијата во општините). Понатаму, ќе се набљудува работата на советите, од аспект на вклученост и иницијативност на советниците за време на седниците на советите, ќе се набљудува процесот на јавни набавки и ќе се одржат дебати со граѓаните за утврдување на приоритети во општините. Собраните податоци, на шест месеци, во печатено издание, ќе се доставуваат до граѓаните, а истите ќе бидат достапни и на интернет страна што ќе биде подготвена и одржувана од страна на МОСТ.

Со овој проект се опфатени 110 советници, а собраните податоци ќе бидат доставени до повеќе од 172.000 граѓани.

Изборот на општините е направен согласно однапред утврдени критериуми како што се: географската местоположба, демографските карактеристики, бројот на жители, бројот на советници, како и бројот на вработени во рамките на администрацијата на единиците на локалната самоуправа.

На конференцијата за медиуми, покрај Извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов, говореа и градоначалниците на општините Штип, Зоранчо Алексов; Могила, Славко Велевски; Осломеј, Фатмир Дехари; Дебарца, Љупчо Којчиноски; Крива Паланка, Арсенчо Алексовски и Гостивар, Руфи Османи. Сите тие јасно и недвосмислено ја искажаа својата подготвеност за отвореност и соработка на општините со граѓаните.

Проектот ќе се спроведува 12 месеци, започнувајќи од февруари оваа година, заклучно со јануари 2011. Истиот се реализира во рамките на програмата CIVICA Mobilitas која ја спроведува Центарот за институционален развој ЦИРа и е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, претставувана од Канцеларијата за соработка во Македонија, како и со средства од Амбасадата на Кралството Холандија.

 
ОГЛАС за слободно работно место за позицијата финансиски асистент

За потребите на сопственото финансиско работење, Граѓанската асоцијација МОСТ објавува:

О Г Л А С
за слободно работно место за позицијата
Финансиски асистент

 

Потребни квалификации:

-Високо образование во областа на финасиите и финансиското работење (средно сметководствено образование ќе се смета за предност)
-минимум од 1 години работно искуство во сметководство или организација со финансиска дејност.
-познавање на сметководство и сметководствена легислатива за непрофитни организации.
-напредно познавање на MS Office софтверскиот пакет, познавање на финансиски апликации и инитернет пребарување.
-солидни комуникациски способности, аналитичност и тимска работа
-деталност, ефикасност, самостојност во работата и точност (имајќи ги во предвид роковите). Дискреција во работата со доверливи документи.
-активно познавање на англиски јазик
 
ОБВРСКИ И ОДГОВОРНОСТИ:

Под директен надзор од финансискиот менаџер кандидатот ќе ги извршува следните активности:

-сметководствена и хронолошка  категоризација на сите трансакции и финансиски активности на организацијата, ажурирање на податоци за влез во главната книга.
-подготвување на исплати,
-подготвување на финансиски извештаи до донатори и институции,
-собирање на податоци за подготвување извештаи за финансиското работење на програмите.
-менаџирање на каса кеш исплати и уплати,
-одржување на финансиската базата на податоци на правни и физички лица
-одржување на финансиската архива, фотокопирање, праќање и примање на факс документи.
-комуникација со соодветни институции во РМ.,
-извршување на различни канцелариски и административни активности,
-други дополнителни активности

Краен рок за пријавување: 21.04.2010 (среда) најдоцна до 16 часот.
Пополнетата апликација испратете ја на e-mail: Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите Javascript-от за да ја погледнете . Задоцнети и непотполни апликации нема да бидат земени во предвид за разгледување. Само селектираните кандидати ќе бидат повикани на интервју.
Ве молиме, без телефонски јавувања.

 
Потпишан Меморандум за соработка меѓу МОН и МОСТ
 Министерот за образование и наука г-дин Никола Тодоров и г-дин Дарко Алексов, Извршен директор на Граѓанска асоцијација МОСТ потпишаа Меморандум за соработка на проектот Прв пат гласам.
 
Проектот е фокусиран кон едукација на лицата кои за прв пат треба да го остварат своето право на глас на наредните избори. Сегментите на овој проект се интерактивни работилиници и интернет страна, а за неговата реализација подготвени се публикации “Прв пат гласам“ и “Лексикон на изборни термини“, како и информативни флаери за семејно и групно гласање и Избирачки список на Интернет.
 
При потпишувањето на Меморандумот, Министерот Тодоров истакна дека целта е матурантите да бидат едуцирани за своите права и обврски. Едукацијата ќе ја изведувааат обучени тимови од правници и новинари кои во еден училишен час ќе им ги пренесат потребните информации на идните гласачи.
 
“Едукацијата на гласачите е основната алка во подобрување на изборниот процес и во таа насока фокусот е ставен на младите гласачи, како движечка сила во општеството “- истакна Дарко Алексов, Извршен директор на МОСТ, и додаде: “МОСТ смета дека соработката на овој проект ќе покаже дека владиниот и невладиниот сектор се спремни да го дадат својот придонес во подобрување на изборниот процес и демократијата воопшто“.
 
Проектот Прв пат гласам се спроведува во завршните класови во средните училишта. За време на еден училишен час тренерите со средношколците дискутираат на теми поврзани со изборните циклуси и нивните сегменти, процесот на денот на гласање, како и за значењето на активниот граѓанин во развојот на демократијата.
 
Оваа фаза од проектот, кој се спроведува веќе шеста година по ред, е финансирана од страна на Европската Унија преку инструментот на EIDHR “Зајакнување на улогата на граѓанското општество во промоцијата на човековите права и демократските реформи“ во износ од 49.722 евра (3.041.276 денари) и од Амбасадата на Кралството Холандија во износ од 17.000 евра.
 
Досега, во изминатите пет учебни години, МОСТ има спроведено 652 вакви работилници, на кои присуствувале повеќе од 17.500 средношколци, кои сега веќе се гласачи на изборите. Интенцијата на МОСТ е материјата која се разработува во текот на работилниците, наскоро да стане дел од редовната наставна програма. П
 
овеќе информации за проектот може да се најдат на интернет страната www.prvpatglasam.org.mk
 
Промовиран Коментар на Изборниот законик

21.01.2010, Скопје
СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

 

ПРОМОВИРАН КОМЕНТАР НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК

Граѓанската асоцијација МОСТ го промовираше Коментарот на Изборниот законик, издание кое има за цел да биде одговор на проблемите идентификувани од ОБСЕ/ОДИХР и МОСТ, а кои се однесуваат на неконзистентната интерпретација на изборното законодавство. Неговата цел е да обезбеди ефикасна и унифицирана рамка за имплементација и толкување на членовите од Законикот, од страна на сите надлежни органи и учесници во процесот.

izboren_zakonik“Во изминатите три изборни циклуси се појавија недоразбирања меѓу државните органи и учесниците во изборниот процес поради различното интерпретирање на легислативата, а сето тоа доведуваше до неконзистентно почитување на членовите од законикот и влеваше недоверба во донесените одлуки” истакна Дарко Алексов, Извршен директор на МОСТ.

Коментарот е предвиден да претставува професионална алатка збогатена со драгоцени правни мислења и совети. Како таква се очекува да им биде од значајна помош на сите засегнати страни и да обезбеди унифицирано разбирање на изборните правила, а со тоа ефикасна имплементација на законската регулатива.

Имплементацијата на проектот за подготовка на Коментарот траеше од мај до декември 2009 година и истиот се спроведуваше согласно принципите на вклученост и отворена дебата. Експертскиот дел им беше препуштен на проф. д-р Гордана Силјановска –Давкова, член на Венецијанската комисија, поранешниот судија на Врховниот суд Сабит Кранли и консултантите на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија Виктор Улом и Вања Шкориќ. 

Коментарот на Изборниот законик е подготвен врз основа на Изборниот законик и неговите измени и дополнувања, а финансиски е помогнат од страна на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје и Холандската амбасада.

Г-ѓа Тилни, Шеф на одделот за владеење на правото при Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје истакна дека тие остануваат посветени на соработката со домашните и меѓународните засегнати страни кои се вклучени во изборите, заради тоа што преземањето на конкретни чекори е од особено значење за постигнување на изборни реформи.

Копии од  изданието во текот на наредните денови ќе бидат дистрибуирани до сите институции, организации, политички партии и останати заинтересирани страни.

 
<< Почеток < Претходна 1 2 3 4 5 6 Следна > Крај >>

© 2010 www.most.org.mk